Раул не е единствениот кандидат: Флорентино Перез знае кој ќе го замени Зидан

Реал Мадрид претрпе два неочекувани порази од Кадиз и Шахтјор во изминатите неколку дена, што доведе до гласини дека Зинедин Зидан може да добие отказ.
Зидан освои се што можеше со кралскиот клуб, но поради лошите резултати, неговиот стол се тресе во последно време. Шпанските медиуми денес објавија дека Зидан ќе добие отказ доколку Реал не ја подобри формата на следните натпревари.
Проблемот за Французинот е што ќе гостуваат во Барселона во сабота, а доколку бидат поразени на Ел Класико, нема да биде изненадување ако Флорентино Перез реши да го смени тренерот.
Мадридски АС денес објави дека легендарниот Раул Гонзалес е еден од главните кандидати за преземање на првиот тим. Тој во моментов е тренер на Кастилја со кого бележи доста добри резултати.
Но вечерва се појавија информации дека главната желба на Перез е Маурисио Почетино, кој веќе подолго време е без клуб. Тој беше отпуштен во Тотенхем пред скоро една година и не брза да избере нов тим.
Самиот Почетино призна дека еден ден би сакал да биде тренер на Реал Мадрид и се чини дека неговата желба може да се исполни многу брзо.



