Роналд Куман прогласен за виновник за колапсот на кариерата на младата ѕвезда на Барселона

Младиот играч за врска Рики Пуиг (23) ќе ја напушти Барселона и кариерата ќе ја продолжи во американската МЛС.
На изненадување на сите, еден од големите таленти од Ла Масија на 23 години реши да замине во ЛА Галакси и веќе ја прифатил понудата на клубот.
Неговото заминување наскоро ќе биде официјализирано, а фактот што на само 23 години заврши во МЛС лигата ги шокираше навивачите на Барселона. Како виновник го гледаат поранешниот тренер Роналд Куман.
По доаѓањето во Барселона во 2020 година, Холанѓанецот го отпиша младиот фудбалер. Пуиг имаше ист третман како Миралем Пјаниќ, ја грееше клупата, не доби вистинска шанса и од еден од најголемите таленти дојде до тој степен што за него веќе нема место во клубот.
Чави Ернандез немаше други опции. Талентираниот фудбалер едноставно не е на нивото на кое треба да биде за Барселона и беше одлучено да го напушти клубот.
Понудата на ЛА Галакси ги оправда очекувањата. На младиот фудбалер му е доста од клупата, сака да игра редовно и прифати преселба во МЛС.
На навивачите им е жал што некогаш големиот талент го напушта клубот. Виновникот го гледаат во Роналд Куман и тврдат дека тој го спречил Пуиг да направи голема кариера затоа што не го пуштил да игра кога му било најпотребно.
„Никогаш нема да му простам на Куман што му ја уништи кариерата на Рики Пуиг“, е еден од многуте коментари кои се појавија меѓу навивачите на Барселона, многу разочарани што младиот играч за врска си заминува од клубот.
Сепак, реално, ниту Пуиг не блесна кога имаше можност. Имаше шанса да се докаже со Чави, но не му успеа. Како да ја загуби довербата што ја имаше и поради тоа беше одлучено да го напушти клубот.
Рики Пуиг ги помина сите младински категории на Барселона. Тој дебитираше за првиот тим во 2018 година и се предвидуваше дека ќе биде новата голема ѕвезда на каталонскиот клуб.
Сепак, тој не доби вистинска шанса под водство на Роналд Куман. Иако во тој период беше промовиран во првиот тим, најмногу ја грееше клупата, не играше големи натпревари и се удави во сивилото на каталонскиот клуб.
Вкупно, во претходните четири сезони, Пуиг одигра 60 натпревари за првиот тим на Барселона и постигна два гола.



