Connect with us

Фудбал

Роналдо: Бев воодушевен кога станав милијардер, не купив авион за да се фалам, туку затоа што ми е потребен

Фудбалската легенда Кристијано Роналдо (40) и понатаму ги воодушевува навивачите во Саудиска Арабија, каде и на 40-годишна возраст немилосрдно ги тресе мрежите во дресот на Ал Наср.

Сепак, во интервју со британскиот водител Пирс Морган, португалската ѕвезда откри дека крајот на неговата голема кариера се приближува.

„Да, можам да си го замислам пензионирањето. Ќе биде наскоро. Ќе биде тешко, сигурно ќе плачам, но ќе бидам подготвен. Сè има свој крај, а тогаш ќе имам повеќе време за други работи“, изјави Роналдо.

Петкратниот освојувач на Златната топка, кој моментално има 952 професионални голови, призна дека со години го планира животот по завршувањето на фудбалската кариера.

„Размислувам за тоа уште од мојата 25-та година. Сакам да бидам повеќе семеен човек, поприсутен за децата и пријателите. Го сакам УФЦ, го сакам паделот. По 40-тата година човек навистина почнува да живее.“

Роналдо во интервјуто потврди и дека станал милијардер, истакнувајќи дека тоа го исполнува исто толку колку и фудбалските трофеи.

„Бев воодушевен кога станав милијардер. Тоа ми беше цел, нешто како да ја освојам Златната топка. Можеби некои ќе ме наречат арогантен, но бројките не лажат. Јас сум единствениот фудбалер што го постигнал тоа.“

Португалецот откри и дека неговата најскапа набавка е приватен авион, додека луксузните автомобили повеќе не се неговата страст.

„Кога бев помлад, бев луд по автомобилите. Сега имам повеќе од четириесет, но ретко возам. Авион не купив за да се фалам — едноставно ми е потребен поради начинот на живот што го водам.“

Роналдо во јуни го продолжи договорот со Ал Наср до 2027 година, а планира со репрезентацијата на Португалија да одигра шесто Светско првенство во 2026 година.

„Не ме интересира повеќе што мислат луѓето. Имам 40 години, пет деца, одлични пријатели и уште многу страсти. Кога ќе се збогувам, ќе бидам благодарен за сè што ми даде фудбалот,“ заклучи Кристијано Роналдо.