Connect with us

Фудбал

Сапуницата продолжува, Мрме повторно го прозва претседателот на ФФМ: Да не се доведете во ситуација да дувате на јогурт!

Поранешниот селектор на фудбалската репрезентација на Македонија, Игор Ангеловски повторно го прозва претседателот на ФФМ, Масар Омерагиќ, како што тоа го направи дента кога за нов селектор беше промовиран Гоце Седлоски. Популарниот Мрме, сега практично му одговара на Омерагиќ за неговите ставови изнесени на предновогодишното интервју со неколку новинари, а кое беше емитувано синоќа на социјалните мрежи на ФФМ.

Во целост го пренесуваме текстот од Ангеловски напишан на социјалните мрежи:

Г. Омерагиќ гледајќи ја Вашата вчерашна прес-конференција незнаев дека имате дарба за медицина. Се надевам дека сте во добра психо-физичка кондиција.
Немојте да ја замајувате јавноста. Зборуваме за бараж натпревари за пласман на СП каде назначувате селектор кој истовремено ќе работи во клуб и репрезентација пред ваков важен натпревар кој е од НАЦИОНАЛЕН ИНТЕРЕС!
Ова Ви го кажувам како поранешен селектор не како клупски тренер, не сум од тие кои ќе дозволат да ми се заканувате! Како тоа моето име се најде за кандидатура за нов селектор ако вчера изјавувате ноторни лаги за мене. Јас сум истиот од пред еден месец и не заборавајте Вие мене ми се јавивте. Прво Горан Пандев – директорот на сите национални селекции на Ваше барање потоа Вие. Кога Веќе соопштувате детали зошто не го повикавте гореспоменатиот да ги соопшти деталите на разговорот. Кога веќе го искористивте нашиот разговор и сте ме пуштиле на интерфон без да ме известите за тоа како што кажавте “пред сведоци” Кога сме кај тоа бидете искрени до крај и кажете што Ви одговорив: Дека од мене можете да очекувате само професионалност.
Кога Ве прашав за кого сте Вие одговоривте: Сеуште не сум одлучил. Г. Омерагиќ вашиот личен избор на селектор за кој се немате “одлучено” го договараше стручниот штаб се јавуваше на кондициски тренер во Хрватска…Немојте да заборавите дека јас поминав во ФФМ шест години.
Кога сме кај про-лиценците јавно Ве повикувам да извршите ревизија на сите лиценци издадени од ФФМ вклучувајќи ја и мојата и да го објавите регистарот во кој се запишани имињата на носителите. Да Ви помогнам. Во седиштето на УЕФА во Нион како претставници на тогашната генерација на кандидати за УЕФА – Про лиценца. Игор Ангеловски, Горан Станиќ и Ренато Глигоровски во присуство на директорот на едукативниот центар проф. Небојша Марковски и Марио Ѓурчиновски, а под менторство на Дејвид Мојс тогашниот тренер на Манчестер Јунајтет го одработивме испитот за УЕФА Про Лиценца при што добивме највисока оцена. Сето ова е документирано со видео запис во архивите на УЕФА и Ви е достапен на проверка на Ваше барање. Нема да дозволам да фрлате дамка врз моето име. Немојте да се доведувате во ситуација да дувате на јогурт!
Од друга страна, Омерагиќ вчера изјави:
-Јас во ФФМ работам про боно и немам никакви лични придобивки, за разлика од Ангеловски. Коректно ќе беше да се почека да почнат активностите и да се одиграат барем еден-два натпревари, па потоа да има простор за критика или пофалба. Но, и тоа доволно зборува за човекот. Не сакам да влегувам во полемика. За 2026 година му посакувам пред сè ментално и физичко здравје и повеќе професионална стабилност, за да може во некој нареден клуб да се задржи малку подолго.