Фудбал
Се обложувале на натпревари, Обвинителството бара притвор за 17 судии и еден претседател на клуб!
Откако минатата недела беше објавено дека голем број турски фудбалски судии се вмешани во обложување на фудбалски натпревари, Обвинителството во Истанбул побара притвор за 21 лице, вклучувајќи 17 судии, како и за претседател на прволигашки клуб, чиј идентитет, засега, не е познат.
Канцеларијата на главниот обвинител во Истанбул соопшти дека 17 судии се осомничени за манипулирање со резултатите од натпреварите, а претседателот на клуб од Првата турска лига за местење резултати. Досега, 18 од 21 осомничени се приведени, јави денеска агенција Анадолија.
Истрагата на Турската фудбалска федерација откри дека 371 од 571 активни судии во професионалните лиги на Турција имаат сметки за обложување, а дека 152 се активно вклучени во обложување.
Претседателот на Турската фудбалска федерација, Ибрахим Хачиосманоглу, го нарече ова морална криза во турскиот фудбал. Турската фудбалска федерација, исто така, веднаш суспендираше 149 фудбалски судии и нивните помошници по откривањето на аферата.