Седлоски: Дајте им поддршка на момците, критиките нека бидат за мене, од планот не отстапувам!

Македонската репрезентација во сабота ја очекува нов предизвик во Лигата на нациите на УЕФА. По двата порази од Швајцарија и Словенија, избраниците на Гоце Седлоски на домашен терен ја пречекуваат Шкотска, во натпревар во кој желбата за позитивна реакција ќе биде еден од главните мотиви на националниот тим.
На прес-конференцијата пред натпреварот, селекторот Седлоски уште еднаш го потврди својот став дека репрезентацијата се наоѓа во процес на подмладување и дека за тој процес е потребно време.
-Ја подмладивме репрезентацијата и уште ќе подмладувам. Критиките нека одат кај мене. По договор со федерацијата, ќе продолжам со процесот на создавање нови играчи. Сакаме да создадеме нова репрезентација и на тој процес останувам до крај. За тоа треба време, не може сe да дојде преку ноќ“, истакна Седлоски.
Селекторот нагласи дека настапот во Лигата Б носи поинакви предизвици и дека Македонија мора да се адаптира на квалитетот на противниците, но истовремено да не отстапува од сопствениот начин на игра.
-Кога доаѓав знаев каде влегувам и со какви репрезентации ќе играме. Работам, гледам, следам и знам што правам. Сакам овие момци да бидат задоволни и да ја направат Македонија среќна. На мечот со Словенија, особено во првото полувреме, видовме работи од кои можам да бидам задоволен и сакам да продолжиме во тој ритам, без да се браниме“, додаде селекторот.
За Шкотска, Седлоски очекува физички силен противник, кој често ја користи играта со долги топки и директни напади.
-Шкотска е репрезентација која игра со долги топки и многу топки во шеснаесетникот. Не смееме да ја прифатиме нивната игра, туку мора да ја неутрализираме со наша реакција. Имаат играчи од Премиер лигата, Чемпионшип и Италија. Спремни сме да излеземе на терен, да покажеме карактер и да одиграме како што знаеме, порача Седлоски.
Натпреварот се игра утре вечер со почеток во 20:45 часот во Скопје.



