Седлоски: Офанзивно против Словенија

Македонската фудбалска репрезентација утревечер со почеток од 20:45 часот, на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје го игра завршниот, шести меч од групната фаза во Лигата Б од Лигата на нациите, каде противник ќе биде селекцијата на Словенија.
На официјалната прес-конференција, селекторот Гоце Седлоски потврди дека атмосферата во тимот е на завидно ниво и дека фудбалерите се во добра здравствена состојба, а единствена дилема останува настапот на Димитар Митровски.
Истакнувајќи го борбениот дух што тимот го демонстрираше на претходното гостување во Глазгов, Седлоски нагласи дека сега е момент за похрабар пристап.
-Мора да тргнеме поофанзивно од претходните дуели. Создаваме шанси, а кога на вакви дуели креирате по 2-3 шанси – треба да ги искористите. Словенија е компактна селекција и излегува моќно од дефанзива, но верувам дека со карактер можеме да дојдеме до трите бода. За составот ќе одлучам после официјалниот тренинг“, порача Седлоски.



