Трагедија во македонскиот фудбал: Почина поранешен репрезентативец

Тажна вест денеска ја потресе македонската фудбалска јавност. Почина Агрон Мемеди, поранешен фудбалер и тренер, кој со години беше дел од македонскиот фудбал и остави значаен белег во неколку клубови, особено во Шкендија и Ренова.
Мемеди е роден на 5 декември 1980 година во Тетово, а својата фудбалска кариера ја започна во дресот на Шкендија. Потоа се пресели во Ренова, каде што ги оствари најголемите успеси во кариерата.
Со тимот од Џепчиште ја освои шампионската титула во сезоната 2009/2010, како и Купот на Македонија во сезоната 2010/2011. Во текот на кариерата настапуваше и за скопски Металург, а зад себе остави и еден настап за сениорската репрезентација на Македонија.
По завршувањето на играчката кариера во јануари 2018 година, Мемеди продолжи да му служи на фудбалот како тренер. Најпрво ја предводеше Ренова, а потоа работеше со младинските категории во академијата на Шкендија.
Од август 2026 година беше дел и од стручниот штаб на првиот тим на Шкендија, каде што ја извршуваше функцијата помошник-тренер на Артим Положани.
Со неговото заминување, македонскиот, а особено тетовскиот фудбал загуби човек кој остави трага и како фудбалер и како тренер, посветувајќи дел од својот живот на развојот на новите фудбалски генерации.
Телеграма со сочувство по повод неговата смрт упатија и од ФК Шкендија.



