Селекторот на Португалија со остра порака до Роналдо: Ние градиме тим, а не споменик на еден играч!

Судирот меѓу Кристијано Роналдо и селекторот на Португалија, Жорже Жезус, доби нова димензија откако искусниот стручњак јавно му одговори на капитенот, кој го напушти репрезентативниот камп.
Роналдо претходно го потврди своето заминување од репрезентативниот камп и најави дека, кога ќе дојде време за тоа, на Португалците ќе им ја открие „вистината“ за причините поради кои го направил тој потег.
Еден ден подоцна пристигна одговорот од селекторот. Жезус не го криеше незадоволството од начинот на кој Роналдо одлучи целата ситуација да ја изнесе во јавност.
„Неговото име не му дава право да ја доведува во прашање секоја одлука. Вчера го прочитав соопштението на Кристијано и мојата прва реакција беше едноставна – никогаш не требаше таквите работи да ги изнесува во јавност. Кога еден играч ќе почне да верува дека неговото име му дава право да ја доведува во прашање секоја одлука, тогаш имате проблем“, изјави Жезус.
Португалскиот селектор не го оспори местото што Роналдо го има во историјата на португалскиот фудбал, но јасно порача дека минатото не може да гарантира место во сегашниот тим.
„Кристијано Роналдо е легенда на Португалија, но легендите се паметат по она што го направиле – не им се гарантираат минути на теренот поради нивното минато. Не можам да изберам играч само поради неговата репутација, а да го занемарам она што денес ни го дава на теренот“, кажа тој.
Жезус потоа се осврна и на сè почестите прашања зошто Роналдо нема статус каков што со години имаше во репрезентацијата на Португалија.
Неговиот одговор беше многу директен.
„Луѓето постојано прашуваат зошто не е во составот и зошто седи на клупата. Одговорот е фудбалот. Во овој момент имам играчи кои можат да му дадат на овој тим повеќе интензитет, повеќе движење и поголема рамнотежа. Ако Роналдо не може да го прифати тоа, тогаш тоа е негов проблем, а не мој“, порача селекторот.
За крај, 71-годишниот стручњак остави порака која би можела дополнително да ја заостри веќе исклучително напнатата ситуација.
„Ако Кристијано мисли дека Португалија не може да функционира без него, тогаш мора да разбере една работа: Ние градиме тим, а не споменик на еден играч.“
Роналдо и Жезус добро се познаваат уште од заедничкиот период во Ал Наср, а токму нивниот претходен однос се споменуваше како една од причините поради кои се очекуваше соработката во репрезентацијата да функционира без поголеми проблеми.
Се случи токму спротивното.
По заминувањето на Роналдо од кампот и неговото ветување дека јавно ќе зборува за причините за таквата одлука, сега и Жезус отворено ја изнесе својата страна од приказната.



