Шведска по 88 години постигна пет гола на Мундијал

Репрезентацијата на Шведска приреди најпријатното изненадување на досегашниот тек на Светското првенство 2026, откако во првото коло од групата Ф го декласира Тунис со 5:1 (2:1). Но уште поважен е податокот дека Скандинавците постигнаа ефикасност каква во нивната историја на мундијалите не е видена речиси девет децении.
Шведска немаше дадено пет или повеќе голови на една пресметка на светската смотра уште од јуни 1938 година. Долгото чекање од 88 години го прекина оваа генерација, предводена од напаѓачи на новата ера, која против Тунис покажа моќ каква последен пат ја гледале современиците на предвоениот фудбал.
Голеадата ја отвори Јасин Ајари во 7. минута, а Александар Исак во 30. ја зголеми предноста на 2:0. Тунис накратко внесе неизвесност преку Рекик во 43. минута, но во второто полувреме следеше целосна доминација на „Трите круни“. Виктор Ѓекереш во 59. минута, Матијас Сванберг во 84. и повторно Ајари во судиската надокнада, во 90+6. минута, ги поставија конечните 5:1.
Последен пат кога Шведска била толку ефикасна на Мундијал, тоа беше во Франција во 1938 година, кога во четвртфиналето ја декласира Куба со 8:0. Тој турнир Швеѓаните го завршија на четвртото место, по поразите од Унгарија (5:1) во полуфиналето и од Бразил (4:2) во мечот за бронзата.
Со оваа победа Шведска се наметна како сериозен кандидат за висок пласман во групата Ф, додека Тунис ќе мора да бара поправен во наредните натпревари за да ги задржи шансите за елиминациската фаза.



