Со Чави нема шеги, а утринава тоа најдобро го видоа фудбалерите на Барселона

Барселона вчера и официјално го претстави Чави Ернандез за нов тренер на оваа екипа.
Чави потпиша договор со каталонскиот клуб до летото 2024 година и се врати на Камп Ноу по шест години минати во катарскиот Ал Сад.
Тој вчера доби спектакуларен пречек од навивачите на Барселона и вети дека ќе даде се од себе за да ја врати Барселона на старите патеки на славата и му се заблагодари на Жоан Лапорти за укажаната можност.
Чави веднаш изјави дека ќе има одредени промени во првиот тим, а отказот веднаш му го предаде на лекарскиот тим, но и на кондицискиот тренер.
Дека нема да има шеги со него најдобро говори фактот што Чави им порача на играчите дека не смеат да доцнат на тренинг, а истиот ќе трае малку подолго бидејќи сака играчите да поминуваат што повеќе време заедно во тренинг центар.
Колку сериозно мислеше тоа најдобро се виде утрово. Имено, првиот тренинг на Барселона под водство на Чави е закажан за 11 часот, а играчи кои не се на репрезентативниот собир дојдоа на тренингот дури два часа порано.
Играчите кои пристигнаа на тренинг околу девет часот се Гарсија, Пена, Брејтвејт, Педри, Ансу, Нико, Роберто, Пике, Лук де Јонг, Рики Пуиг, Мингеза, Умтити, Дест и Нето.



