Тајмаут
Србија ќе отвори музеј на Ѓоковиќ
Во Србија наскоро ќе започне изградбата на музеј посветен на водечкиот српски тенисер Новак Ѓоковиќ, објави српскиот претседател Александар Вучиќ, цитиран од националната телевизија РТС.
„Наскоро ќе почнеме да го градиме музејот на Новак Ѓоковиќ за да покажеме колку го почитуваме тоа што го направил, но и да привлечеме туристи“, рече Вучиќ за време на обиколката на изградбата на српскиот национален стадион во Сурчин во близина на Белград.
„Знаете ли колку кинеските државници го ценат Новак – можете да видите кога сакате да им го дадете рекетот на Новак Ѓоковиќ, а тие не се осмелуваат да го прифатат подарокот затоа што мислат дека е прескап“, додаде тој.
Изградбата на Српскиот национален стадион започна на 1 мај оваа година и треба да има капацитет од 52.000 седишта и 4.500 паркинг места. Во исто време, во тек е изградба на комплекс за изложбата ЕКСПО, која ќе се одржи во Белград во 2027 година.
Според српскиот претседател, Белград станува центар на целиот регион – не само на поранешна Југославија, туку и на поширокиот регион, благодарение на овие проекти.
„Сакам луѓето да видат колку се гради и колку се работи, да се гордеат со својата земја“, нагласи Вучиќ.