Стивен Џерард три пати го одби повикот на Жозе Мурињо, имаше посебна причина

Легендата на Ливерпул, Стивен Џерард призна дека три пати во кариерата имал можност да потпише за тимовите на Жозе Мурињо, но секој пат ја одбивал поканата на Португалецот.
41-годишниот поранешен англиски играч од средниот ред поголемиот дел од својата сениорска играчка кариера ја помина на „Енфилд“, иако кариерата ја заврши во САД играјќи за ЛА Галакси. Своевремено, еден од најдобрите играчи од средниот ред на светот им беше верен на „црвените“, поради што одбиваше покани од други тимови.
Како играч, со Ливерпул ја освои Лигата на шампионите, Купот на УЕФА, два ФА Купа и три Лига Купа. Единствено што му недостига и секогаш ќе жали е титулата со Ливерпул во Премиер лигата.
Херојот на „црвените“, кој важи за еден од најдобрите играчи од средниот ред во Премиер лигата на сите времиња, постигна 186 гола и забележа 150 асистенции во 710 настапи за Ливерпул.
Тој беше еден од „омилените ривали“ на Жозе Мурињо, а самиот Џерард имаше голема почит кон Мурињо, кој го посакуваше додека беше тренер на Челзи, Интер и Реал Мадрид. Но, трансферите во никој случај не беа можни, Џерард секогаш го знаеше тоа.
„Имам голема почит кон Жозе. Тој е еден од најдобрите менаџери во светот, лично за мене и најдобар и можев три пати да потпишам за неговите тимови, но не го направив тоа затоа што сум навивач на Ливерпул. Честопати ја свртував главата од него, но тоа беше само затоа што Ливерпул е единствениот клуб во моето срце“, изјави Џерард.
Џерард беше запрашан дали некогаш се запрашал што би можело да се случи доколку го следел Мурињо во Интер, Челзи или Мадрид, но една од легендите на Премиер лигата тврди дека се би било неважно во споредба со освоениот трофеј во дресот на Ливерпул.
„Секогаш повеќе значи кога победуваш за својот народ“, јасен беше Џерард.



