Стомачен вирус во репрезентацијата, Ангеловски: „Будно ја следиме ситуацијата“

Утринава неколку фудбалери на македонската фудбалска репрезентација, се пожалиле на болки во стомакот. Дел од играчите меѓу кои Ѓоко Зајков, Аријан Адеми, Стефан Ристовски, Давид Митов Нилсон, Стефан Спировски, Мите Цикарски, Ферхан Хасани и Бобан Николов од утринските часови почнале да се жалат на стомачни мачнини.
„Да, станува збор за стомачен вирус. Будно ја следиме ситуацијата, дел од нив се чувствуваат подобро“, вели селекторот Игор Ангеловски на прес-конференцијата.
Дуелот со Лихтенштајн е нова шанса македонскиот национален тим да обезбеди нова победа во Лигата на Нации и да се зацврсти на првото место на табелата.
„Очекувам нашите фудбалери да дадат максимум, да ги исполнат задачите и само така можеме да дојдеме до посакуваниот резултат. Ги имаме сите информации за противникот. Со Лихтенштајн бевме и во минатите квалификации, но секој меч е различен, па така очекувам и овој утрешниот да биде таков“, рече Ангеловски.
Извор: ТВ21



