SportM
Фудбал

Судијата означи крај, а тој се спушти и пукна во солзи бидејќи знаеше дека дојде крајот

Д М18 окт 2022
Судијата означи крај, а тој се спушти и пукна во солзи бидејќи знаеше дека дојде крајот

Гонзало Игуаин пред неколку недели објави крај на кариерата, а синоќа го одигра последниот натпревар.

Претходните две години аргентинскиот напаѓач ги мина во Интер Мајами и ги изненади сите на почетокот на овој месец кога на прес-конференција објави дека става крај на својата играчка кариера.

Игуаин има само 34 години и многумина веруваат дека можеше да одигра уште неколку сезони, но на изненадување на сите одлучи дека ова ќе биде последна сезона во неговата кариера.

Интер синоќа беше поразен со 3:0 од Њујорк Сити во осминафиналето од плејофот на МЛС, а тоа беше крај на сезоната за клубот од Мајами и воедно последен натпревар на Игуаин.

Игуаин ги помина сите 90 минути на теренот, а кога судијата означи крај на натпреварот не можеше да ги сокрие солзите и покажа колку му е тешко бидејќи тоа беше последниот официјален натпревар што го игра.

Аргентинецот плачеше на теренот на стадионот во Њујорк, а играчите на двата тима се обидоа да го утешат бидејќи беше јасно дека тоа е најтешката одлука што ја донесе во кариерата.

Се очекува Игуаин да се врати во Буенос Аирес по 15 години отсуство од татковината, а целта му е што повеќе време да поминува со семејството и пријателите.

Неодамна изјави дека нема желба да остане во фудбалот на највисоко ниво бидејќи атмосферата е премногу токсична, а целта му е во иднина да биде тренер, но да работи во млади категории.

Игуаин кариерата ја започна во Ривер Плата, а на почетокот на 2007 година се пресели во Реал Мадрид во трансфер вреден 12 милиони евра.

По пет сезони во кралскиот клуб, тој замина во Наполи, каде што играше три сезони и веројатно беше на врвот на кариерата. Подоцна за 90 милиони евра замина во Јувентус, а покрај за Интер од Мајами настапуваше и за Милан и Челзи.

 

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.