Талески е нов играч на ГРК Охрид

Македонскиот лев бек Филип Талески потпиша договор со ГРК Охрид за сезоната 2026/2027 со можност за продолжување на договорот и за следната сезона. Талески е осмото официјално засилување на ГРК Охрид за наредната сезона.
Тој доаѓа од екипата на Татабања, Унгарија. Потекнува од школата на Металург, а рано замина во бундеслигашот Рајн Некар Левен (освои бундеслигашка титула), а во Германија играше и за Балинген. Пред тоа играше за РК Вардар 1961 и Бенфика (Португалија).
– Потписот за ГРК Охрид за мене претставува нов, голем предизвик и исклучително мотивирачки проект. Клубот покажа огромна желба, сериозна визија и амбиција кои целосно се поклопуваат со моите лични и спортски цели. Среќен сум што ќе го носам дресот на Охрид, клуб кој незапирливо расте и има фантастична публика. Охрид заслужува големи ракометни успеси, а јас сум тука да го дадам својот максимум на секој натпревар за да ги оствариме зацртаните цели на клубот како во домашното првенство, така и на меѓународна сцена. – изјави Филип Талески.
Во ГРК Охрид Талески ќе настапува со дрес со број 28.



