Фудбал
Трагедија во Србија, поранешниот тренер на ФК Шкупи почина за време на натпревар (ВИДЕО)
Поранешниот тренер на ФК Шкупи, а сега на Раднички Крагуевац Младен Жижовиќ, почина за време на фудбалски натпревар како последица од срцев удар. Големата трагедија и неговата смрт длабоко ги потресоа сите љубители на спортот низ целиот регион, а иако итната помош реагирала брзо, според сведоштвата на очевидците, сепак не успеале да го спасат.
Како што пишуваат српските медиуми, Жижовиќ уште за време на ручекот се пожалил на мачнина и болки во стомакот, верувајќи дека станува збор за тегоби предизвикани од храната (риба) што ја консумирал тој ден. Меѓутоа, се испоставило дека станува збор за тежок срцев удар.
Зад Жижовиќ останале три деца — две ќерки и син. Телото на Жижовиќ вечерва ќе биде транспортирано во Крагуевац, а потоа ќе биде пренесено во Бијељина, каде што ќе биде и погребан.
Исто така, Раднички од Крагуевац објави дека комеморативниот собир по повод смртта на Младен Жижовиќ ќе се одржи во среда, на 5 ноември, со почеток во 11:00 часот, во собраниската сала на Зградата на Град Крагуевац.