УЕФА веќе има датум за почеток на новата сезона во Лигата на шампионите

Фудбалот сè уште е суспендиран во Европа (освен Белорусија), а сè уште се бараат решение за тоа како, кога и во кој формат да се прекине суспензијата поради пандемијата на коронавирусот.
Потребно е да се пронајдат решенија за националните натпреварувања, но и за интернационалните од УЕФА – Лигата на шампионите и Лигата на Европа.
УЕФА, според сегашните планови и предвидувања, би бил најсреќен доколку националните првенства се комплетираат пред почетокот на август, за да може Лигата на шампионите и Лигата на Европа да завршат во тој месец.
Форматот на „мини-турнирот“ во август и опцијата да се игра само еден натпревар во четврт-финалето и полуфиналето не се исклучени, а УЕФА сака европската клупска сезона да заврши на 29 август – последниот натпревар од Лигата на шампионите во Истанбул.
Шпанскиот АС денес пишува дека УЕФА веќе има поставено датум за почеток на новата сезона во Лигата на шампиони, која, наводно, е на 20 октомври.
Сепак, овој вид на информации е далеку од официјални. Сепак, постои шанса УЕФА следната недела да излезе со конкретни предлози и заклучоци, по состаноците што се веќе закажани.
На 21 април УЕФА повторно ќе се состане (видео конференција) со челниците на националните федерации, додека на 23 април ќе има состанок на Извршниот комитет на УЕФА.



