Влатко Гроздановски: „Такви како Пандев и Елмас се раѓаат, но проблемот е што нашите клубови не инвестираат во младите“

Поранешниот македонски репрезентативец во отворен разговор ги анализираше случувањата на Светското првенство, вечната дебата меѓу Меси и Роналдо, но и болната реалност на македонскиот младински фудбал каде, според него, најголемиот притисок врз децата го прават амбициозните родители.
Како еден од играчите кои оставија длабока трага во македонскиот фудбал, Влатко Гроздановски денес своето искуство го пренесува на новите генерации. Во своето најново гостување во емисијата „Мундокаст“, тој направи детална паралела помеѓу светскиот фудбалски врв и домашната реалност, не штедејќи зборови кога станува збор за проблемите во македонскиот систем.
Меси нема слабост, Роналдо е класичен егзекутор
Анализирајќи ги натпреварите од Светското првенство, Гроздановски се осврна на двете најголеми фудбалски икони на денешницата, посочувајќи ги нивните разлики во стилот на игра во оваа фаза од кариерата.
„Роналдо е огромна мотивација за самите соиграчи. Тој е икона на фудбалот и секој сака да игра со него. Сепак, тој има изгубено од таа брзина на подолг простор и од експлозивноста. Сега е поблиску до голот, класичен напаѓач кој со еден потег може да ти го реши натпреварот,“ истакна Гроздановски.
Од друга страна, за Лионел Меси имаше само зборови на восхит, потенцирајќи ја неговата вклученост во градењето на играта.
„Меси повеќе е тимски играч. Тој реагира за игра, асистира, игра дупли пасови, се спушта и позади во средината. Меси е едноставно неверојатен, не можеш да видиш слабост во неговата игра.“
Тој додаде дека токму овие двајца фудбалери треба да бидат урнек за младите ѕвезди како Ламин Јамал и Ерлинг Халанд, кои се соочуваат со огромни предизвици во ерата на социјалните мрежи.
„Социјалните мрежи се лудило во денешно време. Младите играчи мора да останат на земја. Не е лесно кога на 18 години си планетарна ѕвезда, затоа самите клубови мора да ги контролираат за да го достигнат нивото на овие легенди.“
Реалноста на македонскиот фудбал: Чекаме чуда, а не создаваме услови
Кога темата се префрли на македонскиот национален тим, Гроздановски потенцираше дека македонската јавност честопати има нереални очекувања. На прашањето колку време е потребно за да дојдеме до играчи кои ќе направат разлика на големата сцена, тој даде директен одговор:
„Тие фудбалери како Пандев, како Елмас – тие се раѓаат. Се согласувам дека треба да се работи за да создадеме играчи, но таквите таленти се реткост. Ние имаме талентирани фудбалери во младите категории до 18, 19, 21 година, но генералниот проблем лежи во домашните клубови. Клубовите не ни се средени и многу малку инвестираат во развојот на млади фудбалери, а токму од таму треба да ни доаѓаат идните репрезентативци.“
Родителите – најголемиот товар за младите таленти
Преку својата сопствена фудбалска школа, Гроздановски секојдневно работи со деца. Според него, во најраната возраст (до 13-14 години) приоритет треба да биде љубовта кон спортот, а не резултатот. Сепак, тој предупредува на еден загрижувачки тренд:
„Најважната улога на нас како тренери е да успееме да ги задржиме децата во спортот. Но, денес поголеми тренери од тренерите станаа родителите. Се прашуваат: зошто моето дете играло малку минути, зошто игра на позиција лев бек кога треба да е напаѓач, зошто го ставиле голман… Ако не игра, веднаш го носат во друг, па во трет клуб, и така децата на крајот се губат.“
Гроздановски смета дека едукацијата на родителите е подеднакво важна како и тренингот на децата, бидејќи прераниот притисок за создавање на „готови фудбалери“ уништува многу таленти пред воопшто да влезат во сериозните натпреварувачки води.
Носталгија за големите натпревари
На крајот од разговорот, тој се присети и на своите почетоци во националниот дрес, особено на незаборавниот натпревар против Турција во 2003 година.
„Имав 19 години, а игравме против Турција која тогаш беше трета во свет. Условите на ‘Градски’ беа неверојатни. Кога ги видов во тунелот светските ѕвезди како Емре, Баштурк, Хакан Шукур и Рушту, си реков: ‘Дали е ова реално?’. Но, сè тргна супер, дадов гол уште во втората минута и веднаш се опуштив. Тоа се убави спомени против една светска велесила,“ заклучи низ насмевка Гроздановски.



