Connect with us

Кошарка

Вработен во Кошаркарската федерација на Турција добил отказ поради оваа фотографија, Грција се жалела на ФИБА

Европското првенство во кошарка заврши минатиот викенд, Германија во финалето стигна до златниот медал победувајќи ја Турција, а и Турците можат да бидат задоволни од својот настап.

Турција со својата игра ги воодушеви сите љубители на кошарката на Евробаскетот, а особено ќе се памети убедливата победа над Грција (94:68) во полуфиналето на турнирот.

Сепак, славјето на Турците нема по добро да го памети еден вработен во Кошаркарската федерација на Турција, кој доби отказ поради објава на социјалните мрежи кои ги администрира за федерацијата.

Имено, тој на официјалниот профил на КФ Турција објавил очигледно фотошопирана фотографија од бекот Чеди Осман како „лета“ над грчката суперѕвезда Јанис Антетокумбо.

До фотографијата стоел натписот „Без милост“, што предизвикало реакција од грчката страна, која поднела жалба до ФИБА.

Подоцна, селекторот Ергин Атаман на прес-конференција откри дека вработениот одговорен за објавата добил отказ.

„Оваа личност ја објави фотографијата околу 2 часот по полноќ, без знаење на останатите. Штом Кошаркарската федерација на Турција дозна за тоа, веднаш ја отпушти таа личност“, рече Атаман и додаде:

„Објавата веднаш беше избришана и беше упатено извинување. Едноставно, не беше соодветна објава, но, за жал, вакви нешта се случуваат на социјалните мрежи. Вработениот во меѓувреме е вратен во Турција“, заврши Атаман.

Да потсетиме, Турција загуби во финалето од Германија со 88:83 и го освои сребрениот медал.