Зошто претседателката на Мексико не присуствуваше на отворањето?

Претседателката на Мексико Клаудија Шејнбаум објасни зошто не присуствуваше на натпреварот на отворањето меѓу „Ел Три“ и Јужна Африка на Светското првенство 2026. Таа истакна дека влезниците за овој меч биле недостапни за повеќето Мексиканци и дека својата влезница ѝ ја отстапила на млада љубителка на фудбалот.
„Влезниците на стадионот се премногу скапи. Како претседателка, подобро е да го отстапам моето место на некој што не можел да оди, што го сака фудбалот, особено на млада жена, а јас да можам бесплатно да славам со народот“, изјави Шејнбаум.
Цените за Светското 2026 станаа горлива тема, особено во Мексико, каде просечната цена од околу 3000 долари за влезница е незамислива за мнозинството граѓани, кои тешко дека би ги заработиле тие пари за еден месец. „Многу малку луѓе можат да платат влезница по таа цена“, додаде Шејнбаум.
Младата жена на која ѝ ја подари влезницата е Јолет Сервантес Куакеуа, победничка на национален конкурс организиран од мексиканската влада. Таа седна во ВИП-секторот и го следеше натпреварот, а претходно објави видео во кое, облечена во традиционална носија, жонглира со фудбалска топка со боси нозе. Сервантес, атлетка од коренскиот народ науа од сојузната држава Веракрус, ја надмина конкуренцијата од 1000 други финалисти.



