Зошто Родри ја одбра Барселона, а не Реал Мадрид?!

Шпанскиот репрезентативец Родри Ернандез кариерата ја продолжува во Барселона, иако со години сонувал за дресот на Реал Мадрид, објави „Марка“.
Играчот од средниот ред ова лето одлучил да ја прифати понудата на Каталонците наместо онаа на Мадриѓаните, со што направил потег кој до неодамна изгледал целосно незамислив. Првиот контакт со Реал датира уште од 2019 година, додека играше за Атлетико Мадрид, но во Мадрид тогаш предност имаа Крос, Модриќ и Каземиро.
Потоа следувало заминувањето во Манчестер Сити, каде што Пеп Гвардиола го развил во еден од најдобрите играчи од средниот ред во светот и освоил бројни трофеи. Со влегувањето во последната година од договорот со Сити, Реал го обновил интересот, но во управата на Кралскиот клуб не биле целосно уверени во неговиот профил. Од Валдебебас дури можеле да се слушнат забелешки дека Родри „премногу го успорува поседот“ и дека не е она што го бараат за својата средна линија.
Иако на Светското првенство го соборил рекордот по бројот на точни додавања, со успешност поголема од 93 проценти, Реал му пристапил резервирано. Од друга страна, Барселона тргнала во целосна офанзива предводена од Лапорта, Деко, Флик и играчите кои постојано го повикувале. Каталонците му понудиле централна улога во тимот чиј стил целосно одговара на неговите карактеристики и на играта на репрезентацијата на Шпанија.
И покрај тоа што финансиските понуди на двата клуба биле речиси идентични, одлучиле јасната визија и почитта што му ја покажала Барселона. Родри проценил дека на 30 години не сака да влегува во неизвесен проект во Мадрид, каде што го гледале само како добра можност на пазарот.
Поради тоа лично го повикал генералниот директор на Реал, Хозе Анхел Санчез, му се заблагодарил за понудата и го информирал за изборот на Барселона. Манчестер Сити дури по петтата понуда се согласил да го продаде еден од своите најдобри играчи на шпанскиот гигант. Иронијата е во тоа што Родри со години одбивал да го продолжи договорот во Англија, чекајќи го повикот од „Сантијаго Бернабеу“, кој на крајот не бил доволно одлучен.



