SportM
Фудбал

24 милиони евра за 22 натпревари: Германските медиуми за неуспешната епизода на Елмас во Лајпциг и трансферот во Аталанта

Редакција23 авг 2026
24 милиони евра за 22 натпревари: Германските медиуми за неуспешната епизода на Елмас во Лајпциг и трансферот во Аталанта

Германските медиуми со големо внимание го проследија новиот трансфер на македонскиот репрезентативец Елиф Елмас, кој повторно се враќа во Серија А, овојпат како нов фудбалер на Аталанта. Заедничкиот заклучок во извештаите е дека неговата епизода во РБ Лајпциг не се одвивала според очекувањата, поради што германскиот клуб повторно одлучил да го испрати на позајмица во Италија.

„Т-Онлајн“ објавува дека 26-годишниот македонски играч за врска се сели во Бергамо на позајмица, а Аталанта ќе има и опција за откуп на неговиот договор. Медиумот потсетува дека Елмас за Лајпциг настапил на само 22 официјални натпревари, иако во клубот пристигна од Наполи во јануари 2024 година.

Други германски медиуми во преден план ја ставаат токму финансиската страна на неговиот престој во Бундеслигата.

„24 милиони евра, 22 официјални натпревари“, гласи еден од меѓунасловите во германските извештаи, со потсетување дека Лајпциг за Елмас на Наполи му платил околу 24 милиони евра. Неговиот договор со германскиот клуб важи до летото 2028 година, но тој подолг период практично не е дел од првиот тим.

По позајмицата во Торино, каде што на 13 натпревари постигна четири гола, Елмас повторно настапуваше за Наполи, а сега кариерата ќе ја продолжи во Аталанта.

„Трансфермаркт“, повикувајќи се на „Скај“, објави и детали за зделката. Според нивните информации, Аталанта ќе плати два милиона евра за позајмицата, без евентуалните бонуси, додека опцијата за откуп изнесува 12 милиони евра. Италијанскиот клуб, според истиот извор, ќе ја преземе и целата плата на македонскиот репрезентативец.

Медиумот го истакнува и падот на пазарната вредност на Елмас. Пред трансферот во Лајпциг таа достигнувала 24 милиони евра, додека во моментов се проценува на околу 13 милиони евра.

Интересно е што Аталанта до последен момент речиси и не се споменуваше како можна следна дестинација за Македонецот. Во претходните извештаи како заинтересирани клубови се наведуваа Фиорентина и Јувентус, но на крајот клубот од Бергамо ја доби трката за неговиот потпис.

Германските медиуми оценуваат дека Елмас не бил дел од плановите ниту на новиот тренер на Лајпциг, Мартин Демикелис. Во Аталанта, пак, ќе соработува со Маурицио Сари, со кого досега немал можност да работи.

За Елмас ова ќе биде уште едно враќање во добро позната средина. Тој има богато искуство во италијанскиот фудбал од настапите за Наполи и Торино, а германските медиуми потенцираат дека токму во Серија А ги одигра најдобрите години од досегашната кариера.

Дали престојот во Бергамо ќе стане траен ќе зависи од неговите настапи во новата сезона и од тоа дали Аталанта ќе реши да ја активира опцијата за откуп.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.