Ангеловски: Овие фудбалери се подготвени да гинат за Македонија!

Македонија ја очекува најголемиот предизвик во овие евроквалификации со пресметката против првиот фаворит во групата и актуелен лидер Полска, утревечер на Националната Арена „Тодор Проески“, па селекторот Игор Ангеловски посочи пред мечот сека неговите избраници се подготвени да го остават срцето на терен за да стигнат до бод(ови).
Македонија по две кола има четири бода, два помалку од Полска, која доаѓа со Левандовски, Пјонтек, Милик, Зиелински…, како главни адути на противникот за да ја продолжат победничката серија.
„Како и на претходните мечеви, одиме да се бориме и да се избориме за позитивен резултат. Моите фудбалери ќе го остават последниот атом од силите за да стигнат до успех. Знаеме кој ни доаѓа, доаѓа квалитетна селекција, која нѐ мотивира и против која сакаме да докажеме дека вредиме, а на крај да се избориме за позитивен резултат. Овие фудбалери покажаа дека се спремни да гинат за Македонија, а тоа најдобро го покажаа повредените, кои успешно минаа еден рехабилитациски процес и секој ден покажуваа таква волја за да бидат во тимот, што е нешто кое покажува сѐ. Покажаа дека многу го ценат дресот и дека се подготвени. Тоа најмногу ме радува“, вели Ангеловски.
Селекторот посочи дека ништо не се менува во философијата и пристапот – агресивно и офанзивно ѝ против Полска.
„Ни доаѓа Полска, играме против тим како тим и секогаш со тимска игра се справуваме сосекој противник. Одиме да се избориме за позитивен резултат, а сите ја знаат мојата философија и нејзе не ја менувам. Одиме максимално агресивно и офанзивно да се избориме за добар резултат. Се надевам дека тоа ќе биде доволно на крај да бидеме сите задоволни, а јас знам дека фудбалерите ќе го остават срцето на терен“, додаде Ангеловски.
Извор: sport1.mk



