Анри: Не сум изненаден што Меси синоќа излезе од игра

Лионел Меси се најде во центарот на вниманието по синоќешниот натпревар помеѓу ПСЖ и Лион.
ПСЖ по пресвртот успеа да го победи Лион на домашен терен со 2:1, а херој беше Мауро Икарди кој го постигна победничкиот гол во втората минута од судиското наополнување.
Сепак, центарот на вниманието на јавноста по натпреварот беше Лионел Меси, кој синоќа го одигра својот прв натпревар на Паркот на Принц откако го засили ПСЖ.
Меси имаше две одлични шанси во првото полувреме, но не успеа да постигне гол. Во продолжението од натпреварот Меси не се истакна премногу, а Маурисио Покетино одлучи да го извади од игра во 76. минута.
Ова го изненади Меси кој беше видно лут поради тоа и дури одби да се ракува со Покетино додека одеше кон клупата.
За ова зборуваше и неговиот поранешен соиграч од Барселона, Тиери Анри, кој рече дека не бил изненаден што Меси синоќа ја напушти играта пред крајот на натпреварот.
„Замена на Меси? Изненаден? Па, навистина. Не ми беше изненадување. Можеби тој не сакаше да излезе од игра и не знам што си рекоа, но не треба да започнеме некои контроверзии. И на најдобриот играч во светот му треба време да се прилагоди на новиот тим“, рече Анри.
Меси одигра три натпревари за ПСЖ откако пристигна од Барселона и се уште не успеа да постигне гол.



