Арсенал веќе контактираше со Јувентус: Големи засилувања доаѓаат на „Емирати“?

Артета неодамна ја презеде клупата на Арсенал и пред него секако има голема работа.
На Арсенал не му оди добро оваа сезона, а откако Унаи Емери беше отпуштен од функцијата тренер, Фреди Љунберг привремено го замени. Но, клубот минатата недела објави дека Артета е нов тренер на Арсенал и претстои голем предизвик.
Артета ќе го направи своето деби на Арсенал денес против Бурнемут, но изгледа дека клубот со нетрпение го чека јануари и почетокот на зимскиот преоден рок.
Јасно е дека на Арсенал му требаат некои засилувања бидејќи тимот во моментот не дава најдобри резултати. Сигурно е дека фокусот ќе биде на одбраната, но и на средниот ред.
Англиските медиуми денеска објавија дека Арсенал веќе контактирал со Јувентус затоа што сакаат да го доведат играчот од средниот ред Адриен Рабиот. Французинот пристигна во Старата дама ова лето како слободен агент, но тој има слаба минутажа, а најмногу ги следи натпреварите од клупата.
Арсенал верува дека Рабиот ќе биде големо засилување и тие се надеваат дека Јуве нема да бара многу пари за него.



