Барселона го договори доаѓањето на Брајтвајт, а Легањес веднаш упати барање до Ла Лига

Шпанските медиуми вечерва известуваат дека Барселона го договорила пристигнувањето на напаѓачот Мартин Брајтвајт, кој пристигнува од Легањес.
Пред неколку дена, каталонскиот клуб доби официјална потврда од Ла Лига дека може да донесе нов напаѓач и покрај тоа што рокот за трансфери веќе е завршен. Откако се потврди дека Усман Дембеле е сериозно повреден, Ла Лига одлучи дека Барса може да донесе нов играч.
Барселона може да донесе само играч кој моментално игра во Шпанија, а имаше неколку интересни имиња за кои може да се избере. Но, како што стојат работите на „Камп Ноу“, Брајтвајт утре ќе има лекарски преглед.
Каталонците решија да ја активираат откупна клаузула од 18 милиони евра, што ќе биде рекордна продажба за Легањес. Брајтвајт веднаш се согласи на овој трансфер и Барса не мораше да преговара со челниците на Легањес.
Сепак, Легањес не е многу среќен. Според „Марка“, челниците на Легањес денеска контактираа со раководството на Ла Лига и побараа дозвола за да донесат нов напаѓач.
Брајтвајт досега има одиграно 27 натпревари во сите натпреварувања оваа сезона за Легањес и има постигнато осум гола. Легањес ќе соберат огромна сума од овој трансфер, но сакаат и дозвола да доведат нов напаѓач, а најверојатно ќе добијат дозвола.



