Браво момци, вака се игра за националниот дрес, Македонија – Англија без победник (ВИДЕО)

ФОТО: Денис Дуковски/sportm.mk
Македонската фудбалска репрезентација со реми против четвртата фудбалска сила во моментов, Англија од 1:1 ги завршува квалификациите за ЕП 2024. Вечерва на Арената „Тодор Проески“ македонските фудбалери, за разлика од претходните неколку мечеви покажаа карактер, на моменти „гризеа“ на теренот, а со оглед на тоа дека сите очекуваа пораз, пред се поради оние 7:0 на „Олд Трафорд“, Македонија приреди ново изненадување, па по ремито со Италија 1:1, со идентичен нерешен резултат и против Англија.
А, иако Англија имаше повеќе од играта, имаше и статива и неколку добри шанси, сепак Македонија беше таа која поведе со голот на Енис Барди во 41-та минута. Нашиот капитен шутираше од белата точка, неговиот удар беше одбранет, но повторно топката дојде до него и ја затресе мрежата на Англија.
Со овој резултат заврши првиот дел. Во вториот, по само неколку минути гол во мрежата на Македонија. Грилиш погодува, но голот по асистенцијата од ВАР собата е поништен поради офсајд. Сепак, во 59-тата повторно се тресе мрежата на Македонија. Овој пат голот е важечки, а му е запишан како автогол на Атанасов, бидејќи тој последен ја допре топката и го смени правецот на движењето откако по корнерот, нововлезениот Хари Кејн упати удар.
Со ова реми, а и позитивна игра, Македонија ги завршува квалификациите. Севкупниот впечаток е дека можеше многу подобро, но доколку пристапот на мечевите беше како овој вечерва, особено на пресметките со Украина. Македонија со 8 бодови, по две победи и ремија и четири порази ги завршува квалификациите.
Сега, останува Лигата на нации, да се подобри впечатокот.
Од оваа група Ц на ЕП ќе играат Англија и Италија, која вечерва одигра без голови со Украина, доволно за второто место и пласман на континенталниот собир.



