Чави го отпиша првотимецот и им порача на клупските челници да го продадат што поскоро

Иако е во голема финансиска криза, се очекува Барселона во јануарскиот преоден рок да се обиде да доведе неколку нови засилувања.
Каталонскиот клуб моментално ја игра една од најлошите сезони во последните 20 години и јасно е дека им се потребни големи промени во однос на играчите.
Чави Ернандез постигна одреден напредок во играта на Барселона, но јасно е дека тоа е сепак многу далеку од она што го очекуваат навивачите.
Барселона во јануари ќе се обиде да го засили својот тим, но јасно е дека пред тоа мора да продаде неколку играчи за да собере пари за доведување нови играчи.
Мундо Депортиво синоќа објави дека Чави ги изненадил сите со одлуката Сергино Дест да се најде на трансфер листата, а на челниците на клубот им дал дозвола да го продадат во овој зимски преоден рок.
Дест не играше премногу по доаѓањето на Чави во клубот, а очигледно е дека не остави добар впечаток кај својот нов тренер. Откако Дани Алвеш дојде во Барселона доби сериозна конкуренција и се чини дека Чави веќе одлучи Бразилецот да има предност.
Алвеш ќе има право на настап од јануари, а во Барселона се надеваат дека од продажбата на Американецот ќе заработат најмалку 30 милиони евра.
Дест пристигна во Барселона во летото 2020 година за 21 милион евра од Ајакс. Досега оваа сезона одигра 16 натпревари во сите натпреварувања, но најголем дел од настапите ги забележа под водство на Роналд Куман.



