Дали Мудијалот ќе биде без најдобрите во светот?

Тренерот на актуелниот светски шампион, Дидие Дешан денеска ќе го објави конечниот список на патници на Светското првенство во Катар, а последните информации од Мадрид ги загрижија сите навивачи на „галските петли“.
Како што објавија медиумите во Шпанија, официјално најдобриот фудбалер на планетата, центарфор на Реал Мадрид и француската репрезентација, Карим Бензема денеска не тренираше поради повреда и се уште не се знае дали ќе се најде на репрезентативниот список за Светското првенство.
Бензема ги пропушти последните четири натпревари на Реал поради проблем со бутот.
Тренерот на Реал, Карло Анчелоти со изјава ги смири Французите, велејќи дека неговиот напаѓач нема голем проблем.
„Не е ништо страшно, тој се обиде да тренира денеска, но не можеше “, изјави Италијанецот за состојбата на Бензема.
Франција сигурно ќе остане без повредените Пол Погба и Нголо Канте на Мундијалот, додека во ростерот се очекува да биде стоперот на Манчестер Јунајтед Рафаел Варан, иако се уште не е опоравен од повредата на тетивата.
Франција на Мундијалот ќе игра во групата Д заедно со Данска, Австралија и Тунис.



