Connect with us

Фудбал

Дали се зголемуваат шансите за Македонија? ФИФА Светско првенство во 2030-та со 64 репрезентации!?

Меѓународната фудбалска федерација (ФИФА) ќе ја разгледа можноста за проширување на Светското првенство во 2030 година на 64 селекции за да ја одбележи стогодишнината од одржувањето на првиот Мундијал чиј домаќин беше Уругвај, објави денеска весникот „Њујорк Тајмс“, не наведувајќи извор.

Светското првенство во 2030 година ќе се одржи во Мароко, Шпанија и Португалија, а Аргентина, Парагвај и Уругвај, ќе бидат домаќини на три натпревари.

Претходниот формат на Светското првенство од 32 селекции веќе е проширен на 48 селекции за следното издание, чии домаќини ќе бидат САД, Мексико и Канада во 2026 година.

„Њујорк Тајмс“ наведува дека предлогот за еднократно проширување на Мундијалот 2030 на состанок на ФИФА го изнел уругвајскиот делегат Игнасио Алонсо.

Во текстот на „Њујорк Тајмс“ се додава дека, според три лица кои присуствувале на состанокот, „ФИФА најверојатно ќе се води од финансиските и политичките придобивки, исто колку и спортските, при одлучувањето за предлогот“.

„(Претседателот на ФИФА) Инфантино … го опиша како „интересен предлог што треба да се анализира повнимателно“, објави „Њујорк Тајмс“, добивајќи за тоа потврда од „четворица директно запознаени со дискусиите“.