Connect with us

Фудбал

Дојде за 115 милиони евра како голема ѕвезда, ќе си замине тивко за премалку пари

Еден Азар (30) требаше да биде еден од клучните играчи на Реал Мадрид, но од трансферот од Челзи во 2019 година, белгискиот крилен напаѓач не направи ништо посебно.

Азар беше еден од оние кои го зголемија рејтингот на англиската ПЛ, незапирлив во пробивите, спектакуларен и експлозивен играч, но тогаш се случи тој трансфер во Реал Мадрид во 2019 година. Оттогаш, Еден отиде во заборав.

Навистина имаше проблеми со повредите, качи некој килограм повеќе, беше запоставен и како и многу други ѕвезди потфрли токму кога требаше да се покаже најмногу.

Тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, ваму-таму му верува, фалејќи го на прес-конференциите, но на натпреварот од Суперкупот на Шпанија против Атлетик, Белгиецот не доби шанса, а неговото незадоволство можеше да се види на доделувањето на купот.

Се чини дека на самиот Еден му е доста од резерва, па реши да го напушти кралскиот тим.

Според белгискиот новинар Саша Таволиери, Азар сака да го напушти Реал Мадрид оваа зима. Но, ситуацијата на фудбалерот зависи и од неговата физичка кондиција.

Лекарите на Реал Мадрид му препорачаа уште една операција на Азар, но Флорентино Перез не се согласи со таа интервенција бидејќи тоа би значело дека Белгиецот ќе биде целосно „аут“.

Сепак, Еден инсистира на разделба иако Реал му плати 115 милиони евра. Денеска вредноста на играчот се проценува на само 20 милиони евра, но му „кочи“ договорот што го има до летото 2024 година.

Со оглед на тоа што Реал го планира доаѓањето на Килијан Мбапе на крајот од сезоната, се верува дека Флорентино ќе попушти, дека ќе биде подготвен да го пушти Азар да си замине, но сега е само прашање кој сака еден од најсмртоносните леви крила во светот.