Connect with us

Кошарка

Играчите на Партизан се тепале пред ноќен клуб, со шише удриле момче по глава (ВИДЕО)

Кошаркарскиот клуб Партизан синоќа потврди дека тројца негови играчи учествувале во инцидент пред ноќен клуб во Белград, наведувајќи дека кошаркарите биле физички нападнати.

„КК Партизан потврдува дека тројца играчи на црно-белите се нашле во центарот на инцидент што се случил недалеку од добро познат белградски ноќен клуб. Според информациите добиени од играчите, тие биле навредувани на расна основа од група момчиња, додека девојките кои биле со нив биле нарекувани со најпогрдни имиња само поради фактот што во нивното друштво има луѓе со темна боја на кожата“, соопшти клубот.

Според белградските медиуми, во инцидентот учествувале Карлик Џонс, Исак Бонга и Стерлинг Браун. Еден од кошаркарите удрил момче со шише по главата, кое паднало на земја, а потоа повторно го погодил со шише.

Во клупското соопштение се прецизира дека тројцата кошаркари биле нападнати откако го напуштиле ноќниот клуб, по што физички се пресметале со напаѓачите.

Инцидентот се случил ноќта помеѓу неделата и понеделник.