Илјадници Чилеанци на најголемата размена на сликички за СП 2026

Повеќе од 8.000 љубители на фудбалот се собраа во неделата на стадионот „Бисентенарио де Ла Флорида“ во Сантијаго на најголемиот настан за размена на сликички во Чиле посветен на албумот за Светското првенство 2026.
Настанот обедини колекционери од сите генерации, кои во пријателска и семејна атмосфера разменуваа сликички и ги дополнуваа своите колекции. Благодарение на големиот број учесници, многумина успеаја да ги пронајдат ретките сликички што им недостасуваа, а дел од нив целосно ги пополнија своите албуми.
Официјалниот албум за Мундијалот 2026 содржи вкупно 980 сликички. Меѓу најбараните се оние со аргентинската ѕвезда Лионел Меси, португалската легенда Кристијано Роналдо и шпанскиот талент Ламин Јамал, како и други фудбалери од кои се очекува да блеснат на претстојното Светско првенство.
Во Чиле едно пакетче со сликички чини 1.100 чилеански пезоси, односно околу 1,2 американски долари. Специјалното златно издание на албумот со тврди корици и 50 пакетчиња се продава за 69.500 пезоси (околу 75 долари), додека изданието со меки корици и 50 пакетчиња чини 58.900 пезоси (околу 64 долари).



