Connect with us

Интервју

ИНТЕРВЈУ со Мартин Поповски: За прв пат осетив едно зближување, поврзаност, гордост кај сите…

Мартин Поповски е млад, скромен штипјанец, натурализиран скопјанец кој одлично се снаоѓа на позицијата десно крило во РК Вардар. За неговите успеси и достигнувања во ракометот нема да зборуваме бидејќи веќе ги знаеме, но освоената титула и што тоа значи за него и како Мартин од фудбал стигна да биде ракометар ќе бидат темите во денешното викенд интервју на SPORTM.mk

Мартин, благодарам што ја прифати нашата покана да бидеш дел од викенд интервјуто на SPORTM.mk. Претпоставувам сè уште емоциите се тука по големото финале и освојувањето на втората титула која е од голема важност како за самиот клуб РК Вардар така и за нашата држава.

  1. На самиот почеток ќе започнеме со тоа што е актуелно, многумина на почетокот беа скептични за успехот на Вардар, но кои беа очекувањата на Мартин, мислеше ли дека Вардар може дома да се врати со уште една титула?

Секако дека мислев. Секој тим има цел која сака да ја оствари пред почетокот на сезоната. Нашата цел оваа година беше Европската титула и успеавме да ја оствариме. Точно е дека сите очекуваа пораз од Барселона, но можеби тоа ни помогна да победиме бидејќи игравме без притисок.

  1. Какво е чувството кога ќе се освои титула? Тие минути по завршувањето на натпреварот?

Тоа чувство не се опишува. Одеднаш ти доаѓа да се радуваш, да плачеш, да скокаш… Му посакувам на секој спортист да го осети тоа чувство.

  1. Се вративме дома, спектакуларен дочек на плоштад, како тоа изгледаше низ твоја призма?

Тоа беше нешто феноменално. Цела Европа се восхитува на ваквиот пречек. Кажав и во едно друго интервју дека тоа беа моите најдобри 20км во животот. За прв пат осетив едно зближување, поврзаност, гордост кај сите Македонци. Целата нација беше среќна и горда на Вардар и на шампионската титула.

  1. Еве веќе голем дел од твоите соиграчи ќе го напуштат Вардар, кое е твоето мислење за она што досега беше Вардар? Беше ли добар составот? Потребни ли беа промени?

Не може да се каже дека составот не бил добар кога од Келн за вративме со титулата. Она што се случува е нормално како во секој друг клуб така и во Вардар. Едни играчи ќе си заминат нови ќе дојдат. Така беше предлани, лани и така и ќе остане. Најбитното е да се одржи тимскиот дух и да остане хемијата во тимот се останато се менува.

  1. Во составот кој настапуваше на ЕП, само ти и Стоилов бевте Македонци. Како е да се игра со еден таков мозаик од соиграчи?

Ги почитувам и сакам сите соиграчи и сум им благодарен што секојдневно ме прават подобар играч. Тоа што имаме мозаик од играчи е нормална работа. Погледнете ги сите останати клубови ќе забележите дека доколку се сакаат врвни резултати. Тој мозаик треба добро да се склопи без разлика на националности.

  1. Доаѓаш од Штип, во прв тим на Вардар си од 2017 година ако не се лажам, може ли да се успее еве и од помалите градови во нашата земја?

Точно своите почетоци ги имав во РК Текстилец во мојот Штип. Тешко е многу бидејќи условите таму се катастрофални. Ќе започнам од салата каде се тренира, туш кабини она што е основно за да функционира еден клуб. Штип има преку 100 дечиња кои што се во клубот и тренираат секојдневно во тие услови. Срамота е за општината и за сите бизнисмени во градот што го дозволуваат тоа.

  1. Од каде љубовта на Мартин кон ракометот? Зошто Мартин одлучи да остани во нашата земја и да се занимава со ракомет? Си тренирал фудбал од мали нозе, а сега си одличен ракометар, зошто и како?

Тоа започна уште од времето на Кометал. Тогаш бев 6-7 години и се радував како што денес некои деца се радуваат на овој успех на Вардар. Во тој момент тренирав фудбал и не променив и во наредните 4,5 години. Моите најдобри другари тренираа ракомет  и секојдневно ми велеа „Дојди ќе играме заедно“ … па не ми требаше многу време за да направам промена. Од 13 години па до сега живеам со ракометната топка и среќен сум поради тоа.

  1. Играш десно крило, тоа значи дека си левак. Кубуриме ли со леваци?

Секако дека ги има во помал број од деснаци, но не значи тоа дека во Македонија ги нема. Има многу млади момци кои што тренираат ракомет и се леваци. Порано не беше така бидејќи имаше други сфаќања и ретко кој беше левак. Сега во ова модерно време работите се менуваат.

  1. Кои се предностите да си левак во ракомет?

Ова прашање најдобро може да ви го одговори голман. Тие секогаш зборуваат како им е незгодно кога им шутира левак. Не знам зошто но сите така зборуваат.

  1. Многу малку знаеме за тебе и за твојот приватен живот. Кој е Мартин Поповски? Омилена храна?

Покрај ракометот студирам на ФИНКИ и работам во АСПЕКТ (фирма за програмирање) . Целиот ден ми е исполнет и тоа ме прави среќен. Понекогаш ми фали уште 3,4 саати да трае денот да можам да се наспијам ?. Омилена храна секако штипска пастрмајлија која со душа чекам да се вратам во Штип и да ја јадам.

  1. Порака до младите?

Мојата порака до младите е да веруваат во себе и во целта која што тие ќе си ја постават во животот. Само така можат да станат успешни и среќни луѓе.

  1. Мартин, благодарам за одвоеното време и можноста да разговараме. Редакцијата на mk ти посакува личен успех и успех на ракометниот клуб Вардар.

Ви благодарам и на вас.

ЈОВИЦА ПАУНОСКИ

Advertisement