Други спортови
Инцидент на џудо-турнир во Полска: Израелски натпреварувачи ги нападнале домаќините поради скандирање „Слободна Палестина“
Израелските спортисти биле изложени на вербални и физички напади, како и на антисемитски извици за време на меѓународен џудо-турнир во Полска, соопшти израелската амбасада во Варшава.
Инцидентот се случил во саботата на натпревар за млади категории од седум до 16 години, одржан во градот Биелско-Бјала, околу 50 километри југозападно од Краков. Како што е наведено во соопштението на амбасадата објавено на Твитер, израелскиот џудо-тим бил „вербално и физички нападнат“.
„Нема место за насилство или антисемитски навреди од каков било вид, особено во спортот“, порачаа од амбасадата, повикувајќи ги полските власти да ги санкционираат одговорните.
Според сведоштвата на израелските учесници што ги пренесува Канал 14, дел од публиката извикувала пароли како „Слободна Палестина“ и „Еве доаѓаат Евреите“. Се наведува и дека, откако двајца израелски тренери им се обратиле на судиите, локални мажи почнале да викаат кон нив, а потоа да ги туркаат и удираат, сето тоа пред деца.
Израелските медиуми тврдат дека најмалку една израелска екипа потоа била исфрлена од турнирот и од четиридневниот тренинг-камп, што било опишано како „дисциплинска мерка“, со која биле казнети жртвите на инцидентот.
Настанот бил пренесуван во живо, а судирот бил снимен и емитуван онлајн. Снимката прикажува туркање во спортската сала додека децата се движат во непосредна близина, но не открива како започнал инцидентот.
Од друга страна, полската полиција и организаторите на турнирот изнесуваат поинаква верзија на настанот. Портпаролот на полицијата во Биелско-Бјала, Славомир Коцур, изјави за ТВ24 дека полицајците по пристигнувањето на местото на настанот ги потврдиле наводите на организаторите, според кои израелски тренер прв иницирал физички контакт.
„Разговаравме со сите вклучени страни и ги информиравме за можноста за поднесување пријави. Ниту една страна не го стори тоа. Ситуацијата се смири“, изјави Коцур.
Претседателот на клубот Биелско-Бјала Јаносик и организаторот на турнирот Томаш Хмелнијак изјавија дека „младите израелски џудисти сигурно не биле нападнати“ и дека, според нив, судијата бил цел на агресија од страна на израелскиот тренер.
„Израелскиот клуб беше исклучен од натпреварувањето поради агресивно однесување и нарушување на принципите на фер-плеј“, додаде Хмелнијак.
Турнирот под назив „Ги надминуваме границите“ се одржа по 14-ти пат и собра спортисти од 15 земји, а Израел годинава учествуваше за првпат. Еден од двата израелски клуба продолжи со натпреварувањето и освои неколку медали.