Јасно беше што мислат: Дали Наполи има наследник на Марадона?

Наполи изгледа апсолутно незапирливо оваа сезона.
По четири одиграни натпревари во Лигата на шампионите, италијанскиот тим освои четири и со 12 бода веќе обезбеди пласман во осминафиналето, прашање е само од каде ќе замине или дали ќе го задржи првото место до крај.
Синоќа на својот стадион го победија Ајакс со 4:2, а грузискиот фудбалер Хвича Кварацхелија повторно одигра одличен натпревар.
Тој најпрвин забележа асистенција за Распадори во 16. минута кога вториот погоди за 2:0, а потоа и самиот се запиша во листата на стрелците кога погоди од пенал за 3:1 во 62. минута.
По сите одлични партии кои ги одигра во дресот на Наполи, Грузиецот синоќа доби нов прекар кој јасно алудира на тоа дека важи за наследник на легендарниот Диего Марадона во Наполи.
„Кварадона“ е новиот прекар на Кварацхелија, велат луѓето кои ја водат официјалната сметка на УЕФА Лигата на шампионите.
Kvaradona ✨
— UEFA Champions League (@ChampionsLeague) October 12, 2022
Инаку, овој 21-годишен фудбалер дури летово пристигна во Наполи од Динамо Батуми за 10 милиони евра, а во текот на кариерата беше на позајмица во Локомотив Москва и Рубин Казан.
Досега одигра 13 натпревари во дресот на Наполи и постигна седум гола, со исто толку асистенции.
Импресивен скор има и во грузиската репрезентација. На 19 натпревари веќе успеа да постигне 10 гола, со што веќе се наоѓа на осмото место на вечната листа на стрелци на оваа репрезентација.
Шота Арвелаџа е прв на листата со 27 гола и нема да биде чудо ако „Кварадона“ го симне од тронот за неколку години.



