Ковачиќ: Ова е финале за нас, Мароко е талентирана репрезентација

Хрватскиот репрезентативен играч за врска Матео Ковачиќ верува дека неговиот тим може по трет пат во историјата да освои медал на светско првенство, во дуелот со Мароко во борбата за третото место во Доха.
„Голема работа е што влеговме во првите четири, покажавме дека припаѓаме таму. Секако дека бевме тажни, но овој пат за жал не успеа и нашиот фокус е на натпреварот во сабота. За нас тоа е големо финале и ќе дадеме се од себе наградата да ја донесеме дома“, изјави Ковачиќ.
Ватрените беа трети во светот еднаш претходно – во 1998 година – кога загубија од Франција во полуфиналето, а потоа ја победија Холандија во натпреварот за третото место.
„Сите се сеќаваме колку голема работа беше за Хрватска и колку бевме горди на тоа, а ние што игравме за репрезентацијата потоа само се надевавме дека ќе бидеме во таа можност – да бидеме во полуфиналето и да се бориме за медал. Ова е втор пат во четири години да имаме можност да си одиме дома со медал – тоа е навистина голема чест и ќе дадеме се од себе да го оствариме тоа.
Ривал в сабота од 16 часот ќе го има Мароко, со кого Хрватска ремизираше 0:0 на стартот на Мундијалот.
„Уште пред првенството знаевме дека Мароко ќе биде сериозен противник и тоа се покажа. Стигнаа до големото полуфинале и сега борба за третото место – не очекува повторно тежок натпревар бидејќи тие се нација која дава се, тоа се виде низ целиот турнир. Покрај тоа, тие се нација со голем фудбалски талент. Веќе ги знаеме малку подобро и секако ќе го анализираме сето тоа заедно и ќе се обидеме да одиграме добар натпревар“, заклучи Ковачиќ.



