Фудбал
Крај по 14 години: И Бензема се сели во Саудиска Арабија

Францускиот фудбалер Карим Бензема по 14 години ќе го напушти Реал Мадрид и кариерата ќе ја продолжи во Саудиска Арабија, пренесува „The Athletic“.
Според овие извори, 35-годишниот Бензема добил исклучително профитабилна понуда од Ал-Итихад и сите укажуваат дека ќе ја прифати.
Бензема во средата имаше средба со тренерот на Реал Мадрид, Карло Анчелоти, што предизвика шпекулации за неговата иднина. И покрај тоа што неодамна го продолжи договорот со Реал до јуни следната година, мадридскиот клуб нема да му застане на патот на неговата желба кариерата да ја продолжи во Саудиска Арабија.
Она што оди во прилог на фактот дека потегот на Бензема е сигурен е тоа што тој побарал еден од своите физиотерапевти да оди со него.
Актуелниот освојувач на „Златната топка“ пред неколку недели доби понуда од Ал-Итихад, а тоа доведе до неочекувана средба меѓу него и Анчелоти.
BREAKING: Karim Benzema will leave Real Madrid this summer after 14 seasons and 24 trophies to join the Saudi Pro League, per multiple reports 👑 pic.twitter.com/vp79iAaHnM
— B/R Football (@brfootball) June 1, 2023
Бензема во Реал пристигна во 2009 година, а оттогаш го освои своето место меѓу легендите на „кралскиот клуб“. Со 353 гола во 647 натпревари, Французинот моментално е вториот најдобар стрелец во историјата на Мадрид, пред него е само Кристијано Роналдо. За 14 години, Бензема освои пет титули во Лигата на шампионите со Реал, заедно со четири титули во Ла Лига и три трофеи во Копа дел Реј.
Ал-Итихад е шампион на Саудиска Арабија, а клубот стигна до својата деветта титула со шест бода предност пред Ал Наср, чии бои ги брани поранешниот соиграч на Бензема од Реал Мадрид, Кристијано Роналдо.