SportM
Фудбал

Лудница на Барселона во последните минути од летниот преоден рок

Д М2 сеп 2022
Лудница на Барселона во последните минути од летниот преоден рок

Синоќа на полноќ заврши летниот преоден рок во најсилните европски лиги.

Летово Барселона беше убедливо најактивна од сите европски гиганти, а тоа се докажа и на последниот ден од летниот преоден рок.

Челниците на Барселона вчера работеа со полна пареа на доаѓањата и заминувањата од клубот и успеаја да склучат неколку интересни трансфери, со што го комплетираа играчкиот кадар на Чави Ернандез за оваа сезона.

Каталонскиот клуб во последните минути од преодниот рок потврди дека Пјер-Емерик Обамејанг повеќе не е член на овој клуб и дека одлучил кариерата да ја продолжи во дресот на Челзи.

Габонецот вчера пристигна во Лондон на лекарски прегледи и успеа да го комплетира трансферот пред крајниот рок, па Обамејанг во следните две сезони ќе настапува за сините.

Барселона од продажбата на Аубамејанг заработи 12 милиони евра, а се шпекулира дека дел од овој трансфер е и Маркос Алонсо, но дури утринава ќе биде официјализирано неговото доаѓање на Камп Ноу.

 

Покрај Обамејанг, клубот го напушти и Сергино Дест и замина на позајмица во Милан, додека Мартин Брејтвејт одлучи да ја продолжи кариерата во Еспањол.

Исто така, пред истекот на трансфер рокот, Барселона потврди дека нов играч на овој клуб е Хектор Белерин, кој пристигна од Арсенал и ќе биде сигурно засилување на позицијата десен бек.

Белерин се врати во Барселона, каде ја започна својата кариера во Ла Масија, а пристигна како слободен играч откако успеа да се договори со Арсенал за раскинување на соработката и потпиша договор до крајот на оваа сезона.

На Барселона останува уште да го комплетира доаѓањето на Алонсо кој пристигнува од Челзи, но наводно се појавиле проблеми бидејќи играчот не се согласил на намалување на платата и сега клубот не знае како да го регистрира.

Треба да се напомене и дека Барселона претходно во клубот ги донесе Роберт Левандовски, Рафиња, Франк Кесие, Жил Кунде, Андреас Кристенсен и Пабло Торе.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.