Мароко не се шегува, нивниот селектор порачува: Дојдовме по титулата светски првак!

Селекторот на фудбалската репрезентација на Мароко, Мохамед Уахби, го најави четвртфиналниот дуел на Светското првенство против Франција, порачајќи дека неговата селекција дошла исклучиво по титулата светски шампион.
Оваа репрезентација во последните пет години стана вистинска светска фудбалска сила. Стигнаа до полуфиналето на Светското првенство, беа светски шампиони во категоријата У-20, шампиони на Африка, полуфиналисти на Олимписките игри и освојувачи на Арапскиот куп.
Сега сакаат да одат чекор понатаму, а селекторот Мохамед Уахби порача дека ќе биде задоволен само доколку Мароко ја освои титулата светски шампион.
Натпреварот е реприза на полуфиналето од Светското првенство во 2022 година, кога Франција го прекина историскиот поход на Мароко во Катар, но овојпат Северноафриканците повеќе не се изненадувачки аутсајдери, туку самоуверена екипа која цели кон титулата.
„На крајот од турнирот ќе направиме анализа на настапот. Сега нема да кажам ништо, бидејќи можеме да направиме повеќе од ова. Нема да ги слушаме луѓето кои ќе кажат: ‘Тоа што го направивте досега е прекрасно’“, изјави Уахби и објасни:
„Франција е фаворит, но ние ќе направиме сè што е можно за да победиме и да се пласираме во полуфиналето. Не ми се допаѓа ова чувство: ‘Добро направивме што стигнавме дотука, а сè останато е бонус’. Не, бонус е освојувањето на Светското првенство. Со таков став дојдовме тука. Дојдовме по титулата светски шампион и на тој начин сакаме да продолжиме понатаму“, додаде тој.
Франција, светски шампион од 2018 година и финалист од 2022 година, го совлада Парагвај во осминафиналето со тешка победа од 1:0 благодарение на Килијан Мбапе и голот од пенал. Капитенот на Франција постигна седум гола на турнирот, втор зад Аргентинецот Лионел Меси со осум.
Мароко лесно ја помина групната фаза, пред да ги елиминира Холандија и домаќинот на првенството Канада, со што го потврди својот статус на сериозен кандидат за титулата.
„Не станува збор за имињата. Мароканската екипа се развива, исто како и Франција. Клучно е да се одигра натпреварот без жалење. Постојат работи кои можеме да ги подобриме. Мораме да играме на 2.000 проценти и да не мислиме дека тоа што досега го направивме не е добро“, заклучи селекторот на оваа амбициозна селекција.



