Милевски: Очекувам да бидеме на повисоко ниво во однос на претходните натпревари

Селекторот на македонската фудбалска репрезентација, Благоја Милевски на денешната прес-конференција изрази надеж дека неговите избраници ќе бидат поуспешни во однос на натпреварите во Лигата на нации.
– На овие натпревари, очекувам подобрување во однос на дуелите во Лигата на нации. Сепак, ова се истите момци кои даваа по три, па и пет гола по натпревар. Можеби лошата форма и проблемите со ненаоѓање на тимови беа пресудни и се надевам дека тоа е веќе зад нас. Финска е одлична репрезентација, сериозен тим со кој ќе биде тешко. Исто така, Азербејџан е во голем подем. Овие натпреварите ќе ни послужат за нашиот правец и насока за иднината, рече Милевски.
Тој даде објаснување во врска со повиканите фудбалери за натпреварите против Финска и Азербејџан.
– За жал повторно не сме комплетни и се навикнавме веќе 14 месеци поради различни причини да не можеме да ги собереме најдобрите во еден момент. Адеми, пак не е со нас, на последниот меч за Динамо заработи повреда на задната ложа. Чурлинов, Костадинов и Илиев се враќаат полека од повредите, но ги немаме за овие натпревари. Велковски е на список и ќе биде со нас, но 14 дена работи само индивидуални тренинзи. Доста подобра е формата на фудбалерите во однос на септември, пред сѐ тие што се носители, тука мислам на Барди, Елиф, Алиоски…дополнително тие што не беа на септемврискиот собир полека влегуваат во натпреварувачка форма како Давид Бабунски и Бобан Николов. Кире Ристевски имаше период на аклиматизација и сега е на задоволително ниво. Се надевам после викендов после клупските натпревари сите фудбалери ќе останат здрави.
Двата натпревара ќе се играат на Националната арена „Тодор Проески“ во Скопје на 17 и на 20 ноември.



