Нагелсман на удар на федерацијата, но и на легендата: „Нека оди во четврта лига!“

Тренерот на Баерн е мета на критики по поразот од Борусија Менхенгладбах.
Поранешниот германски фудбалски репрезентативец Дитмар Хаман денеска го критикуваше тренерот на Баерн, Јулијан Нагелсман, кој им се заканувал на судиите по мечот со Борусија Менхенгладбах, пренесуваат германските медиуми.
Баерн синоќа беше поразен на гостински терен од Борусија со 3:2 во натпреварот од 21. коло на Бундес лигата .
Актуелниот шампион на Германија од 8. минута играше со играч помалку, бидејќи беше исклучен Дајо Упамекано.
Германските медиуми јавуваат дека Нагелсман по натпреварот ги бркал и навредувал судиите, бидејќи бил незадоволен од судењето. Тренерот на Баерн потоа со тупаница ја удри вратата од соблекувалната на судијата, а потоа им викаше на своите играчи.
Германскиот фудбалски сојуз денеска соопшти дека покренал истрага против Јулијан Нагелсман, кој најверојатно ќе се соочи со казна.
„Разбирам дека можеш се да направиш кога главата ти е жешка, но тоа е еден момент. Мислам дека знаеше што ќе се случи и дека денеска ќе биде на сите насловни страници. Неговите зборови секогаш се мерат три пати. Тој е тренер на Баерн“ , изјави Хаман.
Нагелсман се извини за своето однесување на социјалните мрежи синоќа.
„Нека оди во трета или четврта лига и таму да тренира. Никој нема да се грижи таму кога ќе експлодира. Мора да биде свесен за својата одговорност, бидејќи е тренер на Баерн. Гледам дека се извини, но мора да се контролира. “, заклучи Хаман .
Баерн моментално е на првото место на табелата во Бундеслигата со 43 бодови и натпревар повеќе од Унион, кој има 42 бода.



