Нема потреба да се погодува кој го предводеше Манчестер Сити до нова победа

Манчестер Сити и Брајтон одиграа одличен натпревар на „Етихад“, а домашните очекувано победија и со тоа се доближија до лидерот на табелата, тимот на Арсенал.
Манчестер Сити по киксот во последното коло на гостувањето кај Ливерпул, денеска едноставно мораше да победи, а токму тоа го направи тимот предводен од Пеп Гвардиола од клупата за резерви.
Домашните тргнаа во офанзива од првата минута, а тоа им донесе резултат по 22 минути игра кога Ерлинг Халанд го постигна својот нов гол оваа сезона.
Истиот играч го удвои водството на Граѓаните. Имено, во 43. минута беше досуден пенал за Манчестер Сити, а одговорноста ја презеде Халанд кој погоди за 2:0.
По првото полувреме се чинеше дека е прашање само со колку голови Манчестер Сити денеска ќе ги испрати своите гости дома.
Сепак, трошка надеж на Брајтон му донесе Тросард, кој постигна прекрасен гол по асистенција на Март, а сето тоа се случи во 53. минута.
Брајтон на секој начин се обидуваше да дојде до втор гол и да израмни, но денеска едноставно не успеа.
На крајот победата на Манчестер Сити ја потврди Кевин Де Брујн, кој погоди во 75. минута по асистенцијата на Бернардо Силва.
Манчестер Сити сега е поблиску до Арсенал, кој има само бод предност, но и натпревар помалку, бидејќи „топчиите“ својот меч го играат утре на гостувањето кај Саутемптон.
Од друга страна, Брајтон и покрај овој пораз котира одлично и се наоѓа на осмата позиција со петнаесет освоени бодови.



