„Никој нема да го повтори тоа што го направи Лео, јас одам по својот пат“

Младиот Ансу Фати истакна дека го остварува својот сон играјќи за Барселона и дека се надева дека ќе постигне голем успех на „Ноу Камп“.
Во средата, Фати официјално потпиша нов договор, со кој се обврза на лојалност кон каталонскиот клуб до 2027 година. Откупната клаузула за исклучително талентираниот 18-годишник е една милијарда евра.
„Благодарен сум на клубот и претседателот за довербата што ми ја покажаа и што ми дадоа можност да останам тука уште многу години“, рече Фати.
„Како што реков, мојот сон отсекогаш бил да играм овде. Ќе продолжам да работам за да напредувам и како човек и како играч и да му овозможам на клубот се што се очекува од мене. Од првиот ден, мојата желба беше да останам во Барселона. Раководството го сфати тоа и постигнавме договор. Имаше и други понуди, но мојата желба беше јасна – да останам и да постигнам успех овде“.
🗣 @ANSUFATI: "From day one, I wanted to stay at Barça" pic.twitter.com/eThe8iFWnb
— FC Barcelona (@FCBarcelona) October 21, 2021
Младиот фудбалер носи 10 на својот дрес, број што го „наследи“ од Лионел Меси.
„Секој играч можеше да ја освои таа бројка, но за среќа заврши на мојот дрес. Благодарен сум за тоа. Тоа не е притисок, туку мотивација“, истакна Фати.
„Никој нема да го повтори тоа што го направи Лео. Треба да одам по мојот пат. Не ги гледам бројките, само како можам да придонесам “.
Иако Барселона имаше тежок почеток на сезоната, Фати е убеден дека работите ќе се сменат.
„Сите ќе работиме напорно за да го направиме клубот најдобар што може да биде во следните неколку години“.



