Нојер бесен на Баерн, Кан малку му се закани

Мануел Нојер си направи проблем и на себе и на Баерн кога по елиминацијата на Германија на Светското првенство во Катар, на скијање ја скрши ногата. Се чини дека Нојер има многу слободно време за време на неговото опоравување, а неговото интервју за Атлетико наиде на жесток одговор од Оливер Кан.
Нојер во споменатото интервју реагираше на тоа што Баерн на крајот на јануари му врачи отказ на претходниот тренер на голманите Тони Топаловиќ, чиј син Нојер е кум. Топаловиќ беше во клубот од 2011 година.
„Тоа беше голем удар за мене. Од клубот бев информиран за неговиот отказ. Тоа се случи сосема неочекувано. И тоа беше големо изненадување за Тони. Не разбирам зошто тоа се случи, тешко ме погоди. „Тоа е можеби најбруталната работа што сум ја доживеал во кариерата, како некој да ми го откорнал срцето“, изјави Нојер.
А Оливер Кан не му остана должен.
„Тоа што го кажа Нојер за заминувањето на Топаловиќ не му одговара како капитен и не ги одразува вредностите на клубот. Покрај тоа, сето тоа доаѓа во погрешно време, ни претстојат серија многу важни игри“, изјави Кан, но не застана тука:
„Нојер беше лично погоден, го знаевме тоа, тој не ја прими добро веста. Слична ситуација имав во 2004 година во репрезентацијата кога Сеп Мајер почувствува дека федерацијата го изневери и остави се. Бев лут и разочаран, но знаев дека приоритет е заедничката цел на тимот. Тоа ми беше поважно од она што јас лично го чувствувам. Затоа молчев, јавно не се огласив. Мануел го прави токму спротивното. Ќе имаме многу сериозен разговор за ова“, заклучи Кан.



