Официјално – Тухел го наследи Нагелсман!

Јулијан Наглесман повеќе не е тренер на Баерн Минхен, а на негово место Баварците го назначија Томас Тухел, официјално објави германскиот гигант.
Во соопштението за медиумите на Баерн се наведува дека одлуката за смена на Нагелсман ја донеле генералниот директор Оливер Кан и спортскиот директор Хасан Салихамиџиќ во договор со претседателот на клубот Херберт Хајнер.
Тухел потпиша договор со Баерн до крајот на јуни 2025 година, а првиот тренинг со новиот тим ќе го одржи во понеделник.
Нагелсман дојде во Баерн во летото 2021 година, а 35-годишниот тренер со Баварците ја освои Бундеслигата и два Суперкупа.
Што се однесува до 49-годишниот Тухел, неговата последна работа беше во Челзи, со кој се раздели во септември минатата година, а на витрината на „сините“ го донесе трофејот од Лигата на шампионите во 2021 година.
Покрај Челзи, Тухел беше тренер и на Пари Сен Жермен со кој стигна до финалето во Лигата на шампионите и освои две шампионски титули на Франција, а претходно беше тренер на Борусија Дортмунд и Мајнц.



