Пеп за грубата грешка на судијата: „Следно прашање, не сум Артета“ (ВИДЕО)

Извонреден натпревар одиграа Манчестер Сити и Тотенхем во дербито на 14. коло од Премиер лигата.
Ова се натпреварите кои посакуваме никогаш да не завршат. На крајот беше 3:3, по бројните пресврти, а шведско-македонскиот фудбалер Дејан Кулушевски му донесе херојски бод на ослабениот Тотенхем во 90. минута.
По натпреварот најмногу се зборува за неверојатната одлука на судијата Сајмон Хупер на штета на актуелниот шампион на Европа и Англија. Имено, во судиското надополнување, при резултат 3:3, тој направи груба и несфатлива грешка и го оштети Сити на необичен начин – досуди фаул за него.
Сити тргна во перспективен контранапад и имаше шанса да постигне 4:3. Родри го проигра Халанд, кој по еден дуел со Емерсон успеа да одржи рамнотежа и да ја продолжи акцијата. Судијата му подаде рака и покажа дека ја пушта предноста на Сити, Халанд проигра покрај Грилиш, кој имаше празен простор пред него за да влезе во ситуација „1 на 1“ со голманот на Тотенхем.
А потоа шок за домашните. Хупер се огласи и сепак ја врати акцијата на претходниот фаул и со тоа уништи потенцијална 100% шанса. Фудбалерите на Сити ги загубија нервите и го опколија, викаше и Гвардиола, но немаше враќање.
По натпреварот, новинарите го прашаа Гвардиола за коментар за оваа ситуација, а тој даде одговор кој стана вирален:
„Ентони Тејлор беше четвртиот судија. Знаете, мајсторот кој знае сè за таа работа не можеше да ми каже ништо зошто не ни беше дадено водството. Но, дајте ми го следното прашање, јас не сум Артета“ изјави Гвардиола.
Пеп природно алудираше на реакцијата на менаџерот на Арсенал, инаку негов голем пријател и поранешен помошник, по неодамнешниот пораз од Њукасл. Арсенал го загуби тој натпревар по многу сомнителен гол, а Артета го прокоментира вака:
„Неверојатно. Како е можно да се признае гол во Премиер лигата, за која велиме дека е најдобар во светот. Во оваа земја сум 20 години и сега се срамам. Ова не е гол, ова е апсолутен срам. Тоа не е гол. Се чувствувам лошо. Ми се гади што сум дел од сето ова“, изјави тогаш Артета.
По ова реми, Сити падна на третото место на табелата со 30 бодови, што е три помалку од Арсенал и еден помалку од Ливерпул. Тотенхем е на петтата позиција со 27 бодови.
"Next question, I don't want to do a Mikel Arteta comment."
Pep Guardiola when asked about Jack Grealish going through on goal
— Gunners (@Gunnersc0m) December 3, 2023



