Пиоли: Играчите не ја добиваат почитта што ја заслужуваат

Милан славеше против Лацио во Рим по пресврт од 2-1 и со тоа остана лидер на табелата во Серија А Тренерот Стефано Пиоли беше пресреќен по победата извојувана со гол во продолжението.
– Единственото вистинско чувство во вакви моменти е среќа и радост. Горд сум на моите играчи и да сум на нивно место би бил лут, бидејќи тие не ја добиваат почитта што ја заслужуваат. И со години покажаа дека ја заслужуваат таа почит – рече Пиоли.
Јунак на мечот беше Сандро Тонали, кој првенствено е задолжен за дефанзивните задачи, но овојпат тој беше стрелец на победничкиот гол.
– Ги придвиживме дефанзивците напред во вториот дел, па Тонали мораше да оди подлабоко. Но, кога ќе го почувствувате моментот да продолжите напред, мора да го искористите. Секогаш им кажувам на моите играчи да бидат одлучни, да користат импулс и да создаваат шанси за себе.
Милан има предност на табелата, но Интер има заостанат натпревар против Болоња во среда.
– Ќе се обидеме да победиме на сите натпревари до крајот, па ќе видиме дали тоа ќе биде доволно. Она што е многу важно е што обезбедивме пласман во Лигата на шампионите.



