SportM
Фудбал

Позната иднината на Тухел по поразот од Аргентина!

Редакција16 јул 2026
Позната иднината на Тухел по поразот од Аргентина!

Англискиот селектор Томас Тухел има целосна поддршка од Фудбалската федерација на Англија (ФА) и се очекува да ја предводи репрезентацијата на Европското првенство во 2028 година, и покрај елиминацијата во полуфиналето на Светското првенство, јавија денеска британските медиуми.

Англија во средата вечер беше поразена од Аргентина со 1:2, што ја остави без пласман во финалето на Светското првенство, а Тухел се најде под остри критики во медиумите поради дефанзивните замени што ги направи откако Англија дојде во водство од 1:0 во полуфиналето во Атланта.

„Продолжуваме според договорот до Европското првенство, кое ќе се одржи дома. Со нетрпение го очекувам тоа, иако е тешко да се размислува толку далеку сега. Многу големи фудбалски тимови беа елиминирани пред полуфиналето, па и ова е успех. Знам дека никој не сака да го чуе тоа во моментов, дури ниту јас, бидејќи секогаш очекуваме најмногу од себе“, рече Тухел.

Германскиот стратег во февруари потпиша двегодишно продолжување на договорот, откако ја презеде англиската репрезентација во јануари 2025 година со почетна задача да го освои Светското првенство.

Извршниот директор на ФА, Марк Булингам, истакна дека Федерацијата во целост стои зад Тухел.

„Многу е болно да се биде толку блиску до финалето. Играчите и Томас дадоа сè од себе, а тренерскиот персонал и целиот тим дадоа максимален напор за време на турнирот. Сакам да им се заблагодарам на сите, како и на нашите одлични навивачи во САД и дома“, рече Булингам.

Англија ќе се соочи со Франција в сабота за третото место, а евентуална победа би им го донела најдобриот резултат на светските првенства од освојувањето на титулата во 1966 година.

Сподели

Коментари (0)

Бидете прв што ќе коментира.